Почина глумицата Ратка Радмановиќ, ни потврдија од нејзината матична куќа Народниот театар во Битола. Радмановиќ, која беше театарска филмска и телевизиска глумица, имаше 83 години.
Има остварено низа на впечатливи улоги на сцените на македонските театри, особено во Битолскиот народен театар каде долго време и по пензионирањето имаше носечки улоги на репертоарот. Радмановиќ остварила десетина улоги на филм, посебно е активна по пензионирањето.
Во „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски, пак, оствари уште една иконична појава, како храбрата и бескомпромисна мајка на главниот лик, вистинска панкерка, која обајцата ги одржува во живот буквално со своето тело, оти работи како сликарски модел за акт.
Радмановиќ глумеше и во „Пред дождот“, „Прашина“ и „Кајмак“ на Манчевски, како и во „Преку езерото“ на Антонио Митриќески, „Џипски меџик“ и „До балчак“ на Столе Попов, „Големата вода“ на Иво Трајков, „Година на мајмунот“ на Блажевски, „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, „Кога денот немаше име“ на Теона Митевска.
Погребот ќе биде утре во 11 часот.