Во администрацијата ќе се вработува најдобриот, се забранува менување на националност – Законот ќе се носи по скратена постапка

Во владина постапка се Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници кои ќе се носат по скратена постапка и со европско знаменце, а треба да придонесат кон целиот екосистем во јавната администрација во државава, информира денеска министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.

Се очекува законите да бидат изгласани на седница на Владата наредниот вторник, по што на прес-конференција ќе бидат презентирани сите детали поврзани со новините во овие закони.

Кај Законот за вработени во јавниот сектор, Алиу нагласи дека има значителни промени и подобрувања во споредба со стариот закон за вработени во јавниот сектор. Меѓу нив позначајни се воведување стрикна процедура при вработувањата да биде избран најдобриот, односно првиот на листата со пријавени кандидати за вработување во јавниот сектор.

Али потсетува дека тоа не беше случај со стариот закон каде што имаше можности и вториот, третиот од листата да биде вработен на таа работна позиција. Понатаму, се забранува можноста за вработување на определено време на раководни работни места во цел јавен сектор и се забранува вработување преку Агенција за привремени вработувања.

– Исто така, се ограничува можноста за измена на акти за систематизација. Сега веќе со новиот закон актите за систематизација максимум може да се изменат двапати годишно. Со тоа, исто така, се избегнува злоупотреба на често менување на актите за систематизација. Цениме дека овој закон ќе придонесе кон вкупното подобрување кај вработените во јавниот сектор и е исто така во согласност со ЕУ-директивите и ЕУ-вредностите – подвлекува министерот Алиу.

Во однос на Законот за административни службеници, тој додаде дека има значителни промени за негово подобрување. За балансерот и злоупотребите што се правеа досега, со измените, се забранува менување на профилот на лицата по линија на матичен број и националност во системот за администрација штом еднаш биле внесени. Со тоа, нагласува тој, ќе се избегне промена на националноста во системот за полагање на испити. Втората промена е одвојување на испитот со постапката за вработување. Досега испитот се поврзуваше со огласи и се полагаше тогаш кога има некој оглас. Сега испитот ќе може да се полага секоја недела во зависност од потребите на граѓанинот. Промена има и во бројот на членови за дисциплинска комисија. Со стариот закон тие беа седум, а сега ќе има само тројца, што ќе придонесе кон побрзо решавање на евентуални проблеми во процесот на вработување на административни службеници.

– Првпат се утврдуваат политиките за задржување на кадарот на сите административни службеници со цел намалување на одливот што го имаме сега од јавен во приватен сектор. На функционерите им се дава можност тие вработени да можат да имаат зголемување на платата до 30 проценти.  Се воведува можноста за до 45 проценти зголемување на додатоци за вработените кои се активни и ги имплементираат ИПА-процесите – потенцира министерот Алиу.

На прашањето дали очекува да се намали партиското влијание при вработување и да има поефикасна администрација, Алиу е уверен дека со измените на законите ќе се постигне оптимална јавна администрација во однос на бројот и услугите.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде