Повеќе од половина од испитаниците сметаат дека ниту една од постојните партии нема капацитет да реализира најдобра економска програма.
Сепак, најголем дел од граѓаните имаат доверба дека тоа може да го стори ВМРО-ДПМНЕ, партијата која според ова истражување ако утре се одржат изборите ќе победи во сооднос 2,5:1 со владеачката партија СДСМ. И рејтингот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христјан Мицкоски е во пораст и е речиси четири пати поголем од рејтингот на претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски.
Ова се дел од резултатите од телефонската анкета спроведена на 1.200 испитаници од агенцијата Маркет вижн од 18 до 25 септември, а по нарачка на редакцијата на МКД.мк.
Над две третини или 69,7% од испитаниците немаат доверба во ниту еден лидер на политичка партија на македонската политичка сцена. Додека од оние кои се изјасниле, во Христијан Мицкоски доверба имаат 12,3%, во Димитар Ковачевски 3,5%, во Димитар Апасиев 3,1% и во Али Ахмети 3,7% од испитаниците.
Споредено со резултатите од истражувањето во јуни и февруари годинава, се забележува 12 процентно зголемување на делот од испитаниците кои немаат доверба во ниту еден лидер на партија, благо зголемување на довербата во Христијан Мицкоски за 1% и значително намалување на довербата во Димитар Ковачевски од 8,2% во февруари до 3,5% во септември 2023.
Една четвртина од испитаниците изјавиле дека на наредните избори ќе гласаат за политичката партија ВМРО- ДПМНЕ (25,1%), потоа следуваат ДУИ со 9,7%, СДСМ со 9,5% и Левица со 7,1%.
Најголема промена во довербата на гласачите има кај партијата СДСМ каде процентот на испитаници кои се изјасниле дека ќе гласаат за оваа партија е намален од 12,4% во месец февруари на 9,5% во септември 2023 година.
Повеќе од половина од испитаниците сметаат дека ниту една од постојните партии нема капацитет да реализира најдобра економска програма. Сепак, најголем дел од граѓаните имаат доверба дека тоа може да го стори ВМРО-ДПМНЕ.
Повеќе од половина или 52,2% од испитаниците би излегле да гласаат доколку утре се одржат избори. Споредено со одговорите на испитаниците од истражувањата во јуни и февруари 2023 година се забележува тренд на намалување на бројот на испитаници кои се изјасниле дека ќе излезат на следните избори.
Анкетирањето беше спроведено од 18 до 25 септември 2023 година со употреба на CATI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1200 испитаници со интервал на доверба од 95% и маргина на грешка +-3%..
Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.