Македонка од Израел: “Само Македонија не испрати авион во Израел за да ги евакуира своите државјани“

Таа и нејзиниот сопруг речиси две години живеат и работат во Израел. Кога почнале нападите, тие цел ден го минувале во бункер. Таа вели дека нападот бил вистински хорор, со можеби 500 детонации за еден час.

– Веднаш под станот е бункерот и тој ден бевме цел ден горе-долу. Купивме што ни треба. Работеа некои продавници. Се смири преку ден, навечер продолжи пак. Во 23 часот бевме пак во бункер, преспавме како на трња – сведочи Спасиќ Митковска.

Од тој момент единствено на што мислела е како да го напушти Тел Авив. По многу неуспешени обиди, контактирала со македонската амбасада, како и со сите амбасади од регионот, па некако успеала да најде место на авион од Црна Гора и да стигне до Подгорица.

Таа е незадоволна од односот на македонските власти, вели дека морала да се снаоѓа сама, а само Македонија не испратила авион во Израел за да ги евакуира своите државјани.

– Еден службен лет да пратат не треба повеќе, тие се од 100 до 200, мислам дека ќе ги собере сите Македонци. Сите околни земји Србија, Црна Гора, Албанија, која зеде и наши и граѓани од Косово, сите се организираа и си ги прибраа своите граѓани.

Еве четврти ден не можат да се организираат. Му благодарам на Господ, последниот воз го фативме. Еве сега има повторно напади во Тел Авив во централниот дел. Го гаѓале и аеродромот, а кога ќе се отвори повторно не знам. Нека им е Господ на помош на нашите граѓани таму – вели Билјана Спасиќ Митковска за Глас на Америка.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде