Центарот на светот се поместува онаму каде што оди Никола Груевски.
Тоа може да се заклучи од разговорот на бегалецот од Будимпешта за белградска „Политика“, весникот кој е претворен во провладина алатка, наведен како „ексклузивно интервју“.
Во тоа интервју на Груевски (со новинарот Жељко Шајн, кој не е непознат за македонската јавност) и позицијата во која се наоѓа му се виновни многу луѓе, а најмногу Зоран Заев, а во поново време и Христијан Мицкоски.
Како човек кој изгледа сѐ уште мисли дека командува со Македонија (дури и од Будимпешта) Груевски вели дека многумина овде се плашеле од неговото враќање, за кое се шират различни непроверени гласови, главно шпекулации.
„Во основа на сѐ е стравот од мое евентуално враќање во земјата. На прво место е односот на некои политичари кон мене во изминатите пет-шест години, но и нивната неспособност во севкупното водење на државата, како и криминално-коруптивни мотиви, поради што всушност некои од нив и се занимаваат со политика“, вели тој.
Бидејќи тој се занимавал со политиката од идеолошки и други високи мотиви, а неговите политички ривали имале други подземни цели, главната вина за неговото самопрогонство ја гледа кај Зоран Заев. Поранешниот премиер, наводно, имал опсесивна посветеност спрема него и контролирал обвинители, судии, политичари, партеници, па дури и лидерот на опозицијата, Мицкоски.
„Покрај опсесивната посветеност на мојот случај, со иста енергија е посветен на инвестирање во странство на неговите нечесно заработени пари и зголемување на неговото богатство во работите кои ги контролира во Македонија, во енергетскиот сектор, производството на марихуана, градежништвото… Заев направи непроценлива штета на Македонија, особено неговите ставови во врска со националните прашања“, го оценува својот политички архи-ривал.
И тука доаѓа до својата поента која му внесува немир:
„Наместо да се бори да го порази Заев на политичката сцена и да помогне во запирање на неправдата која преку политички прогон ни е спроведена мене и на моите поранешни соработници, Мицкоски стана најголем сојузник со оној кој го креираше и диктира тој политички прогон“, Груевски го отвора повторно прашањето за поделбите во ВМРО-ДПМНЕ и за способноста на неговиот наследник на чело на партијата.