Доцна вечерва се огласи Никола Груевски: Партиските борби и натпревар не треба да се во правење пречки на другата конкурентска партија да успее во реализација на привлекување инвестиции

Конечно се заврши и отвори DIAMOND MALL во Скопје. Честито. Зборот “конечно” не се однесува на сопствениците на ДАЈМОНД МОЛ. Се однесува на препреките низ кои помина овој проект започнат пред 15-16 години.

Претходно ова парче земја една година се подготвуваше од правен аспект за да може да се даде на продажба на јавен тендер со електронско јавно наддавање, каде ова неуредено парче земја кое дотогаш беше “ругло” на центарот на градот се продаде.

Го купи англиски инвеститор, и веднаш тогашната СДСМ во опозиција започна напади дека нешто им било сомнително бидејќи купувачот бил бизнисмен близок до тогашниот премиер на Обединетото Кралство, а тој бил во Македонија да гледа фудбалски натпревар заедно со Премиерот, па се сретнал со некој бизнисмен, а тој бизнисмен бил близок со овој или со оној и бил ваков или онаков…и така брзо приказната се пренесе во британските медиуми. СДСМ ја постигна целта, да се одложи градбата.

По повеќе години застој, веројатно за да не му прават политички проблеми на тогашниот англиски премиер, сопственикот од Англија ја продаде фирмата со земјиштето на турскиот холдинг Лимак. Наместо да бидеме среќни и независно кој е на власт да се потрудиме како мала земја да имаме придобивки ако странски инвеститор близок до некој од премиерите на најсилните земји инвестира во Македонија, спротивно тогашното деструктивно раководство на СДСМ правеа се да го избркаат тој инвеститор.

Среќна околност е што и новиот инвеститор Лимак од Турција е крупен и моќен инвеститор и она што го започна во годините кога ја предводев владата,еве веќе го завршува. Се заврши најпрвин хотелот Лимак и објектот кој е наменет за бизнис центар, кои беа во напредна фаза на градба кога заминав од Македонија…Се завршија и две од зградите и има уште неколку работи да се довршат. Се заврши и шопинг центарот. Освен што отворија нови работни места, овие објекти го разубавија градот на место кое претходно беше прилично запуштено. Убаво е што сега власта гордо се рашетува таму и сече ленти.

На холдингот Лимак му ги овозможивме сите услови брзо да започне и без пречки да работи бидејќи предводев влада која ефективно и успешно привлекуваше и даваше добра услуга на инвеститорите, па тие го ширеа добриот глас до други инвеститори.

Ако денес се случи СДСМ да донесе инвеститор многу близок на Премиерот или најмоќниот човек на Англија, Франција, Германија, Америка, Италија итн, независно со кој бизнисмен во земјата се познаваат и среќаваат и дали е тој близок до една или друга партија, јас никогаш не би им правел ситуација со која тој инвеститор ќе крене раце од земјата и нејзината деструкција и ќе замине.

Партиските борби и натпревар не треба да се во правење пречки на другата конкурентска партија да успее во реализација на привлекување инвестиции, туку во тоа кој повеќе и поквалитетни инвеститори ќе донесе кои постепено ќе го менуваат животот на граѓаните на подобро.Така државата и сите во неа добиваат. Друго е прашањето што во тој дел немаме со што да се споредуваме…

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде