Затвореници од Казнено поправната установа Идризово, до Слободен печат испратија фотографии од повредите кои според нив, им ги нанеле полициски службеници, кога утринава биле во претрес во затворот во потрага по недозволени предмети.
Според нашиот извор кој е на издржување затворска казна во Идризово а е еден од тепаните, имало поголем број на повредени затвореници.
Но, од МВР велат дека при преземањето на службени дејствија, се собрала поголема група затвореници која пружала активен отпор, па морало да бидат совладани.
При тоа, според МВР, со повреди се здобиле 10 полициски службеници, а со повреди се здобиле и дел од затворениците. По документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Инаку, во претресот се пронајдени 82 ножа, 63 мобилни телефони и дрога во полуотвореното одделение. Претресот го извршиле полициски службеници од Бирото за јавна безбедност во координација со јавното обвинителство Скопје и тоа со наредба за претрес од кривичниот суд.
Ова што се случи ни во Африка го нема. Тигрите влегоа и не тепаа по собите. Сите сме тепани. Ни лекар ни брза помош не се вика. Модри сме. Ни ги скршија телевизорите, чиниите за јадење. Нека дојде некој да види во контејнерот до затворот колку телевизори има искршени.
Директно, со пендреци, со чекани, по грб. Не земаа од соба, не клекнаа на колена, да одиме, со кабел удираа. Алиштата ни ги фрлија. Заби, вилици, раце. Двајца се во болница, другите не ни даваат да одиме, ни рече изворот кој е на отслужување затворска казна во Идризово, без да ја наведе причината за појавувањето на полициските службеници односно дека се работело за претрес со наредба.
Извор и фото: Слободен печат