Временскиот феномен Ел Нињо ќе трае најмалку до април 2024, објави Светската метеоролошка организација (СМО), со што дополнително ќе се зголемат температурите во годината која речиси сигурно ќе биде најтоплата откако се вршат мерењата.
СМО кажа дека има 90% шанси дека Ел Нињо ќе продолжи преку зимата во северната хемисфера, а слично предвидување неодамна го дадоа и американските метеоролози.
Ел Нино е затоплување на температурите на океанската површина во источниот и централниот дел на Пацификот и може да предизвика екстремни временски појави, од шумски пожари до тропски циклони и долги суши.
Европските научници истовремено кажаа дека 2023 речиси сигурно ќе биде најтоплата година во изминатите 125.000 години, откако последните податоци покажаа дека овој октомври бил најтоплиот во тој период.
Според Сервисот за следење климатски промени „Коперник“, досегашниот најтопол октомври бил во 2019, што сега било надминато за 0,4 Целзиусови степени, што е опишано како огромна разлика.
Порастот на температурите пет месеци по ред се должи како на човечките активности, така и на Ел Нињо. На светско ниво, просечната температура на воздухот во октомври била за 1,7 степени повисока во споредба со октомври во периодот 1850-1900, што „Коперник“ го дефинира како прединдустриски период.
„Базата податоци на ‘Коперник‘ датира од 1940. Кога ќе ги споредиме нашите податоци со оние на Меѓународниот панел за климатски промени, ова е најтоплата година во последните 125.000 години“, изјави заменичката на директорот на „Коперник“, Саманта Бурџис.
Научниците предупредуваат дека екстремните глобални температури ќе продолжат и во 2024.
„Во годините со Ел Нињо најчесто имаме нови температурни рекорди, затоа што загревањето од овој феномен се надоврзува на загревањето од човечките активности“, вели климатологот Мајкл Ман.