Среде слава Митровден ни влезе полиција дома, се шират разни шпекулации, но ова е вистината…Сведоштво на сопругот на наставничката од Неготино

По професија сум дипломиран машински инженер, со мојата диплома работев и во Германија, а веќе две години сум наставник во основно училиште во Неготино и предавам во околните села. Мојата сопруга, која беше вчера приведена во полиција работи како наставничка околу 20 години.

Случајот со приведувањето и образложенијата дека таа психички ги малтертирала учениците е главна тема во Неготино, но и пошироко, па би сакал да појаснам за јавноста која е позадината – за „Фокус“ раскажува М.С., видно вознемирен од настанот.

Како што појаснува, и тој и сопругата биле под постојани притисоци, а таа на почетокот на годината користела еден месец боледување и и била поставена дијагноза, која тој вели дека не би ја откривал во јавност, но не крие дека станува збор за нарушено здравје поради стресни ситуации поврзани со работата.

-Во последните неколку дена, односно од петокот, па до вчера, беше очигледно дека мојата сопруга падна во депресија. Плачеше, се жалеше дека е сама, дека никој не ја разбира. Истото однесување, колку што сега знам, го имала и на училиште, па поради тоа и ги вознемирила учениците и нивните родители.

Но, наместо мене да ме контактираат, да ја пратат на боледување, па да бараме здравствена помош, се случи да ни дојде полиција дома, и тоа вчера, кога дома имавме слава Свети Димитрија, кога масата ни беше поставена… Многу немили сцени – вели наставникот.

Раскажува дека сопругата го однела во маркет да испазари пред да дојдат гостите, а таа заминала дома. Додека бил во маркет му се јавиле од полиција и му кажале дека мора да разговараат со него.

-Ги замолив од полиција да не доаѓаат по мене во маркетот, да не гледа народ, и веднаш заминав во станицата која е во близина на маркетот. Не знаев зошто ме викнаа, ме распрашуваа за однесувањето на сопругата, им појаснив дека таа има здравствено нарушување и е депресивна последниот период. Не ми кажаа ништо, си заминав дома, не ја најдов сопругата.

По кратко време полицијата ја донесе дома, и рекоа да си земе основни работи и ми кажаа дека ќе ја носат на лекување во Негорци. Што можев да направам? Ѕвонев кај роднините на сопругата кои се од тој крај, дури денес дознавме дека таа ќе остане на лекување колку што е потребно, од една недела, па можеби и до еден месец, додека не и биде подобро.

Се прашувам зошто никој не ми кажа мене доколку таа имала промени во однесувањето на работа, зошто не ја испратија на боледување, на систематски преглед, да се утврди што е, па да се бара решение, туку на ваков начин. Денес кога излегов надвор, луѓето ме гледаат како да сум воен злосторник, не знаат дека всушност таа беше приведена оти има нарушена здравствена состојба, се шират разни шпекулации – тврди наставникот.

За сопругата појаснува дека во минатото била и наградувана за својата работа, била добра мајка и сопруга, но ете се случило да западне во тешка состојба.

-Како просветен работник можам да ви кажам дека наставниците денес се како декор во училниците додека им се случуваат инциденти помеѓу учениците! Не смееме да повишиме тон, мора со убаво да разговараме, да појаснуваме од една страна, од друга страна имаме ученици кои на среде час знаат да маваат со ученички прибор, да навредуваат соученици, да се закачат, и ние мораме смирено да најдеме начин да смириме ситуација.

Ми се случи да посведочам на тепачка помеѓу ученици, не ме слушаат кога им кажувам веднаш да престанат, па не знаејќи како да ги разделам, го гушнав и го кренав едниот ученик. Ете, со такви ситуации се соочуваме секојдневно, слушаме како деца се потценуваат и дискриминираат кој на кого е, имаме родители кои ни доаѓаат да се расправаат за оценки, и да ви кажам дека воопшто не лесно.

Целиот текст можете да го проичитате на ФОКУС.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде