Ангелов утрово видно револтиран: Дали треба да чекаме некој да загине?

Ново предупредување дека мостот – надвозник во Визбегово е несигурен за сообраќај и дека од него доаѓа опасност по возилата коишто минуваат под него, упати Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи.

Тој, по неговото разгледување на мостот, упати повик и апел до дел од надлежните институции, за отстранување на опасностите од мостот за граѓаните кои поминуваат по него, а особено за граѓаните коишто со возила поминуваат под него.

-По пријава на неколку граѓани повторно сме на мостот кај Визбегово, Скопско. би рекол стар и небезбеден мост, преку којшто има голема фреквенција на сообраќај. На овој мост се јавува една опасност за граѓаните, којашто се провлекува, би рекол, повеќе од една година.

Тоа се овие камени гранитни коцки од патот коишто излегуваат од самиот пат на ивицата на надвозникот. Кога минуваат камиони, мостот буквално вибрира и овие коцки од 30-40 сантиметри од работ на мостот можат да паднат долу на улица.

Доколку оваа коцка падне врз возило коешто минува под овој мост, некој може да биде убиен. Дали треба да чекаме некој да биде убиен, да загине, тешко да биде повреден.

Од страна на градот Скопје или општината Бутел по нашата прва пријава веднаш беа преземени мерки и веднаш беше ставена ограда, којашто во „најмала рака“, ја гарантира безбедноста на пешаците, да не одат по тротоарот, којшто во меѓувреме го снема. Од овие арматури висеа бетонски плочки коишто се извадени, за тоа сме благодарни – сепак нешто е преземено.

Но, апелирам, алармирам, градот Скопје, Општина Бутел, нека седнат заедно, нека се договорат – кој е одговорен за овој мост!? Нека не си ја префрлаат надлежноста едни на други, предупреди Ангелов.

Тој додаде дека пред извесно време побарале во ЦУК да додјат претставници на општината Бутел и на градот Скопје, но не дошле.

Сега, за утре Ангелов закажува нова средба соповеќе институции за да се реши проблемот на надвозникот на вкрстувањето на „Стариот качанички пат“ и „Јадранската магистрала“ во Скопје. Тој наведе дека ќе се бара тие да дадат известување за нивни плански активности, за отстранување на камените гранитни коцки на надвозникот.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде