Граѓаните од Македонија, особено пензионерите со ниски пензии, како и социјално ранливите категории со нетрпение чекаат да ја добијат новата парична помош од државата, која се најавува од летото.
Новиот пакетот со антикризни мерки ќе биде разгледан на седница во Владата закажана за вторник. Како што најави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, со мерките ќе бидат опфатени голем број граѓани и приватниот сектор.
Таа не обелодени детали, не кажа за колкава помош станува збор и колку месеци ќе им биде давана на социјалните категории, но нагласи дека дел од овие мерки ќе бидат за најранливите категории граѓани и за пензионерите со минимална пензија.
– За овие антикризни мерки, во буџетот се предвидени 75 милиони евра, а за идната година – дополнителни 55 милиони евра, пред сè, за продолжување на субвенционирањето на цената на електричната енергија – кажа деновиве премиерот Димитар Ковачевски.
Тој потсети дека четири месеци во 2022 година, повеќе категории граѓани имале финансиска поткрепа од државата.
По 3.000 денари месечно добија корисниците на социјална пензија, самохраните родители, корисниците на посебен додаток, корисниците на правото на надоместок поради попреченост, лицата со попреченост и трајни промени во здравствената состојба што користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат права на надоместок поради попреченост.
Над 400 000 граѓани, пензионери, ученици, студенти, самохрани родители, ќе бидат опфатени со антикризните мерки кои треба да бидат усвоени утре на седница на Владата, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Одговарајќи на новинарско прашање колку компании се блокирани поради неплатен данок на солидарност Битиќи рече дека според последните податоци бројот е мал, под 20.
Уште не се блокирани сите компании и секојдневно се менува бројот.
-Средствата ќе бидат искористени за антикризни мерки што очекуваме утре да бидат на седница на Владата и се насочени најранливите категории граѓани, тука спаѓа најголемата група граѓани, пензионерите, кои ќе добијат одреден надомест неколку месеци, како и ученици, студенти, самохрани родители, итн…