МВР со експресна реакција: Приведено лицето кое го симна знамето на МПЦ-OA и постави знаме на Албанија во црквата на Попова Шапка

Синоќа е уапсено едно лице кое вчера попладне од црквата „Свети Наум Охридски Чудотворец“ лоцирана на Попова Шапка, прво го симнало знамето на МПЦ – Охридска Архиепискоција, а потоа поставило знаме на Албанија.

Настанот претходно, околу 18.00 часот денеска во СВР Тетово го пријавил свештеник од црквата на Попова Шапка.

-Во 18.05 часот во ЦИК-Тетово, свештеникот од црквата „Св.Наум Охридски Чудотворец“ лоцирана на Попова Шапка, пријавил дека од страна на НН лице од јарболот на црквата е симнато црковното знаме и е поставено знаме на Албанија, велат од МВР.

Настанот е евидентиран преку камери за видео надзор.

Според првичните сознанија се работи за навивачи на фудбалскиот клуб „Шкендија“ од Тетово.

Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи, синоќа реагираше и соопшти дека се работи за провокација.

-Ова, како многупати претходно, е намерна провокација и подгревање на меѓуетничката нетрпеливост, напиша Стојанче Ангелов на Фејсбук.

Ангелов апелираше до граѓаните да не наседнуваат на ваквите провокации, а МВР веднаш да ги идентификува сторителите и да поднесе соодветни пријави.

Реагираше и Даријан Сотировски, претседателот на Комисијата за односи меѓу верските заедници и религиозни групи.

-Најостра осуда за вандалскиот упад во манастирот „Св. Наум“ на Попова Шапка и симнувањето на знамето на Македонската православна црква- Охридска архиепископија. Елементите на кривичното дело од чл.319 на Кривичниот законик, Предизвикување на омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга основа, како и кривичното дело од чл.145 на Кривичниот законик, Неповредливост на домот, мора да повлечат одговорност, потенцира Сотировски.

Тој додаде дека сторителите мора да бидат најстрого санкционирани и дека вакво поведение е недозволиво и ги подрива сите напори за градење здрави општествени односи во нашето кревко плурално општество.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде