Пресечен меѓународен канал за транспорт на дрога. Полицијата на влезот во Гостивар, спречи шверц на 32 килограми марихуана, вредна околу 120.000 евра.
Според информациите на МВР дрогата во земјава влегла од Албанија а била превезувана во две патнички моторни возила управувани од три лица од Скопје и еден албански државјанин.
Криминалната група била организирана од септември 2023 година од албанскиот државјанин, кој бил баран со потерница во Република Албанија и други држави од Европската Унија, исто така, за недозволена продажба на наркотици.
Во периодот од септември до сега тој организирал транспорт на дрога од Албанија во нашата држава, по што во Скопје организирал мрежа на препродавачи.
Лицата биле лишени од слобода, а во текот на денот, со судска наредба, биле извршени претреси на пет локации во Скопје, при што биле пронајдени марихуана и други материјални докази за нивната инволвираност во вршење на кривичното дело.
По целосно расчистување и документирање на случајот, против лицата ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.