По преземени опсежни мерки и активности од страна на полициски службеници од СВР Скопје, денеска во околината на Скопје е пронајдено безживотното тело на малолетната В.Ѓ., која беше пријавена за исчезната на 27.11.2023, а во околината на Велес од страна на полициски службеници од СВР Велес е пронајдено и телото на П.Ж.(74) од Велес, кој на 24.11.2023 беше пријавен за исчезнат, информираат вечерва од МВР.
Од МВР, посочуваат дека во врска со двата случаи осомничени се пет лица, од кои за три се бара мерка притвор, едно е надвор од државата, а едно лице во моментов е во полициска станица.
– Претходно, во врска со кривичните дела беше пронајдено опожарено возило „цитроен“ и по извршени вештачења обезбедени се материјални докази за инволвираност на лицата, за што по целосно документирање на случаите, во координација со Јавен обвинител ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, велат од МВР.
Од спроведените истражни дејствија утврдено е дека и двете убиства се извршени од истите лица, чиј мотив е „користољубие“.
– Од реализираните оперативни мерки е утврдено дека малолетничката В.Ѓ. е земена со возило од влезот на живеалиштето, а од обезбедените информации од распитот утврдено е дека била убиена истиот ден (27.11.2023) околу 10.00 часот, стои во соопштението од МВР.
Веднаш по добивањето на пријавите за исчезнатите лица, од МВР посочуваат, дека преземени се мерки и активности за нивно пронаоѓање, а во СВР Скопје беше формиран и посебен Оперативен штаб, на чело со началникот на СВР Скопје.
Извршени се претреси во домови и други простории на подрачјата на СВР Скопје, СВР Велес и СВР Штип, при што пронајдени и одземени се мобилни телефони, компјутери, возило и др., извршени се бројни разговори со семејствата, познаниците, пријателите и лица кои би можеле да имаат било каква информација, а во истражните дејства секојдневно беа вклучени неколку стотини полициски службеници кои работеа исклучиво на овие случаи.
-Увид на двете локации каде беа пронајдени телата на исчезнатите денеска извршија јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство Велес. Издадени се наредби за обдукции на телата на жртвите и за соодветна идентификација. Исто така, издадени се наредби за прибирање и вештачење на сите траги и докази од двете локации, информираа во заедничко соопштение Јавното обвинителство и МВР.
Во деновите по исчезнувањето на двете лица, јавните обвинители издадоа наредби за претреси на повеќе локации, обезбедување снимки од видео надзор, лоцирање врз основа на базни станици, анализа и вештачења на електронските уреди, вештачења на материјални траги и докази, вклучително и автомобилот поврзани со настанот. Сослушани се лица кои би можеле да имаат определени сознанија за настанот и врз основа на сите прибрани докази настанот е расчистен во однос на осомничените сторители и нивните мотиви. По комплетирање на доказите и наредените вештачења, обвинителството против сите осомничени ќе поведе соодветна постапка.
Воедно, наспроти шпекулациите и дезинформациите според кои овој случај има етничка заднина, од МВР информираат дека сите осомничени се од македонска етничка припадност.