Неуспех на институциите. Вака го оцени американската амбасадорка Ангела Аглер, убиството на 14-годишната Вања од Скопје. Според неа, пропустот е направен од страна на органите на редот и законот.
„Системот не успеа да го заштити тоа мало девојче. Тие се криминалци, тие се препознаени како криминалци, насилни криминалци кои не биле во затвор.
Тие претходно не биле апсени и не биле затворани, не биле целосно гонети за нивните претходни кривични дела, не ја платиле цената на нивните дела и тоа го плати малото девојче, го плати Вања.
Апсолутно е многу болно и не е време за политизација, но време е институциите во земјата да се погледнат со ладно срце и да се запрашаат што повеќе можевме да направиме за да го заштитиме ова мало девојче и секое друго мало дете во оваа земја…“, рече Агелер.За овој случај Агелер зборуваше во интервју за Канал 77.
Во фокусот се најдоа и криминалот и корупцијата. Според неа, корупцијата во последните 10 години зазема размери на загрижувачка епидемија во земјава.
Во овој случај, американската црна листа ќе биде проширена во наредниот период. Последен беше случајот со поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, кој најави дека ќе се жали на одлуката на американскиот Стејт департмент, која ја нарече неправедна. Агелер рече дека ќе биде среќна ако локалните институции ги истражат овие случаи.
„Кога некој е ставен на црната листа од страна на САД, како случајот со поранешниот вицепремиер и тој рече дека се заснова само на сомневања и не му се допаѓа и ќе продолжи со процес на жалба, само би рекла дека ние не ги ставаме луѓето на црната листа само поради сомневање или како се чувствуваме за нив.
Нема ништо лично во таа одлука. Тоа е правен процес и како и секој правен процес, оние кои се наоѓаат на црната листа се добредојдени да контактираат со американските адвокати ако не се задоволни.
Ние не играме улога на право во оваа земја, но се надеваме дека информациите што ги собравме, од кои повеќето се од тука, ќе помогнат да се обезбеди спроведување на законот и обвинителството, исто така, да ги гони овие случаи и луѓето да одговараат за своите постапки“, додава Агелер.
Запрашана за поддршката што Анѓушев ја доби од поранешниот премиер Заев по неговото ставање на црната листа, Агелер рече дека право на секој е да заземе страна во овие случаи.