„Тој ќе остане запаметен како ‘кралот на појадокот’. Многу ќе им недостига на сите“ – На 54-годишна возраст почина Бил Гренџер

Австралискиот готвач Бил Гренџер почина во понеделникот (25 декември) на 54-годишна возраст. Самоукиот готвач од Мелбурн, познат и како „кумот на тостот со авокадо“, починал во болница во Лондон, Велика Британија.

„Тој ќе остане запаметен како ‘кралот на појадокот’, кој непретенциозната храна ја трансформираше во нешто посебно. Многу ќе им недостига на сите“, беше објавено на Инстаграм.

Семејството не ја соопшти причината за смртта, јавува „Би-би-си“.

Неговата кариера траеше повеќе од 30 години. Гренџер објави 14 книги за готвење, имаше бројни телевизиски емисии и отвори повеќе од 12 ресторани ширум светот.

Според „Би-би-си“, кариерата на Гренџер започнала во 1993 година кога го напуштил уметничкото училиште за да го отвори својот прв ресторан во Сиднеј на 23-годишна возраст.

Ресторанот се викаше „Билс“ и стана познат по едноставни јадења како тост со авокадо, палачинки со рикота и путер од мед, но и одлично кафе.

Неговиот ресторан стана многу популарен и се претвори во синџир ресторани во Јапонија, Кореја и Велика Британија.

Гренџер зад себе ги остави сопругата и трите ќерки.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде