Ќе се испитува улогата на мајката во смртта на двегодишното девојче од Кичево, кое во понеделникот почина во болница по 22 дена борба за живот, откриваат полициски извори за „Курир“.
Полициски службеници од ОВР Кичево вчера попладне го уапсија 29-годишниот Ф.Д., татко на девојчето, кој е осомничен дека на 18 декември ѝ нанел тешки телесни повреди пред да биде хоспирализирана.
Девојчето првo било однесено во Општата болница во Кичево, а потоа во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ од каде nа 18 декември 2023 година во 23.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека кај нив со повреди било донесено женско дете од Кичево.
Полициски службеници извршиле службен разговор со неговата мајка, која првично изјавила дека детето се здобило со повредите при пад при детска игра.
Низ кичевската чаршија се зборува дека семејството било дисфункционално, а детето живеело во нездрава средина во која претходно се случувало семејно насилство.
Осомничениот татко денеска даде исказ и пред јавен обвинител.
ОЈО Кичево донесе Наредба за спрoведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Убиство предвидено во член 123 став 2 точка 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Осомничениот 29-годишник, на 18 декември, при вршење семејно насилство, ја лишил од живот сопствената ќерка родена 2022 година. Тој ѝ нанел повеќе удари со раце и нозе, предизвикувајќи и тешки телесни повреди – скршена коска на черепот, крварење во мозокот и скршеници на две ребра. Од здобиените повреди детето починало на 8 јануари, во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Јавниот обвинител до судијата на пртетходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
За случајот се огласи и Министерството за здравство.
„На 19 декември, во Ургентниот центар во ОБ Кичево во коматозна состојба е примена двегодишна пациентка, која во болницата е донесена од нејзината мајка. Поради критичната состојба малата пациентка е препратена на Ургентен хируршки центар во клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“, а потоа префрлена на Универзитетската Клиника за неврохиргија, во Скопје. И покрај сите заложби на лекарите, за жал двегодишната пациентка подлегна на тешките телесни повреди на 08.01.2024 година. Здравствените институции, каде беше примена и третирана пациентката, целосната документација за хоспитализацијата и третманот, ја предадоа на надлежните истражни органи“ – се вели во соопштението од Министерството за здравство.