Утрово во поголем дел од Македонија вее снег, со пообилни снежни наноси во западниот дел од земјата.
Се очекува врнежите да продолжат и во следните денови, проследени со ветер.
Слични временски услови се забележани и во регионот, особено во Србија. Сношти голем дел од патиштата во соседната земја беа под снежна покривка, а службите ги чистеле за да помогнат на граѓаните во непречено одвивање на сообраќајот.
Снежно невреме, но во поголем интензитет ја зафати и Хрватска, каде паѓаа дрва на улици, паркинзи, врз автомобили и на фасади.
Патот од Гостивар кон Стража (Кичево) и Маврово (кон Дебар) е затворен за тешки моторни возија, информираат од АМСМ утрово. Инаку, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ потсетуваат дека на 15.11.2023 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2024 година.