И покрај строгите радарски контроли на Министерството за внатрешни работи, бројот на возачи кои возат брзо е се поголем, а билтенот на МВР секојдневно изобилува со троцифрени бројки на казнети граѓани кои возат со недозволена брзина.
Некои возачи биле регистрирани како возат со брзина од 70 километри на час повеќе од дозволеното и голема среќа во несреќа е што најголем дел од овие случаи завршиле само со парична казна без човечки несреќи.
„Побавните“ возачи добиваат казни од 45 до 400 евра, а оние возачи кои „летаат“ по магистралните патишта и автопати најчесто се соочуваат со времено одземање на нивните возачки дозволи од три месеци до една година.
Според бројот на регистрирани возачи од полицискиот радар, ниту строгите контроли и казни не влијаат премногу врз несовесните возачи.
„Ве известуваме дека на територија на Република Северна Македонија, по однос на прекршокот брзо возење во 2022 година санкционирани се 95.011 возачи, а во 2023 година санкционирани се 104.122 возачи“, велат од МВР.
Во 2021 година пак , на територијата на државата за прекршокот “управување на возило со брзина поголема од пропишаната“ санкционирани се 104.703 возачи.
Од Министерството откриваат дека некои возачи кои имаат спортски автомобили не можат да се воздржат од екстремно брзо возење, а чести и се и нелегалните трки на најфрекфентните патни правци. Најголемата брзина регистрирана со новите уреди за мерење е регистирана на обиколницата во Скопје.
“Најголема брзина измерена со уреди за мерење на брзината е констатирана на автопат А2 – Обиколница Скопје, кога е измерена брзина на движење 302 километри. Но, не може да се утврди временски интервал кога најчесто во текот на 24 часа се вози побрзо од дозволеното од причина што овој прекршок се манифестира во текот на 24 часа, на сите патишта“, велат од МВР.
При радарските контроли често се случува оние возачи кои возат брзо да не можат да сопрат и избегнувањето на полициската патрола, намерно или ненамерно, па прават неколку прекршоци во низа.