На денешен ден пред две години почина легендарниот диригент и композитор маестро Александар Џамбазов, татко на Игор Џамбазов.
Почина на 85-годишна возраст. Денеска, неговиот син Игор, преку емотивна објава и раскажување на една интересна случка од детството, се потсети на својот татко.
– Две години без тебе стари. Ко два дена. Ама и како две столетија истовремено. Ти си мојот тато. Иако многу ретко те викав така.
Уште од моите први улоги и снимања се договоривме дека ќе се викаме “колега”. Се сеќаваш? Ти и јас во нашиот тегет Фиат 1300, чекаме на црвено на семафорите кај “Рубин кармин”.
На пешачкиот премин поминува една исклучително згодна жена. Ти ја измерка од глава до пети, ме погледна и ми рече: “А? Како теткава? Згодна е?”. Веројатно сакаше да ја провериш мојата машкост, иако имав само седум-осум години. Јас, како од пушка одговорив: “Да”.
Ти ми се насмеа и се издиша истовремено. Ја изгледавме теткицата се додека не се изгуби во толпата. Кога конечно тргнавме ми кажа: “Ова на мајка ти нема да и го кажеш, така?” А јас ти одговорив: “Е нема де, нели сме колеги”.
И така станавме колеги. До крај. И засекогаш ќе останеш мојот омилен колега. Колега за сите времиња. П.С. Тања и јас сме добри. Тераме. Тука се’ е по старо. Писмените се срамат дека се писмени. Неписмените се трудат да бидат уште понеписмени. И уживаат во тоа. Се’ на се’ стари, ништо не си пропуштил…- напиша Игор Џамбазов на Инстаграм.