Голема хеликоптерска спасувачка акција на Водно (ВИДЕО)

На Горно Водно денеска е извршено спасување на едно лице кое се здоби со скршеница на нога, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

-Успешно заврши спасувањето на повредено лице со скршеница на нога, во координирана интервенција на ЦУК, Итна медицинска помош, МВР, Црвен крст и други субјекти од Системот за управување со кризи (СУК), при многу силен ветер и други отежнати услови за транспорт, соопшти ЦУК.

Како што посочуваат, во Центарот за управување со кризи (ЦУК) на пладне, во 11:56 часот е добиен повик за повредено лице со скршеница на нога во пределот на Горно Водно, во близина на Милениумскиот крст и веднаш преку Секторот за операции и координација во ЦУК била покрената акција за спасување и транспорт на повреденото лице.

-ЦУК, од Спасителната екипа на Црвениот крст побара интервенција, прво по можност со специјализирано возило за извлекување на повреденото лице. Истовремено, ЦУК, паралелно и координирано остваруваше комуникација со Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје, со Итната медицинска помош, со МВР, а и со ЈП за жичницата, соопштуваат оттаму.

Додаваат дека условите за остварување на спасителната акција биле тешки, заради силниот ветер на планината, а и заради тоа што патот од Средно Водно до Милениумскиот крст бил непрооден и тежок за било кое возило, особено на осоите во сенка.

-Направен е и напор Итната медицинска помош да стигне и преку алтернативен пат преку Сопиште и Горно Соње, но медицинската екипа се доближила на 1,5 километар до Милениумскиот крст и јавила дека патот не дозволува понатамошно движење. Веќе ЦУК имал стапено во координација со Хеликоптерската единица на МВР за можен ангажман и тогаш ЦУК упатил барање за подигање на воздухоплов – хеликоптер, заради евакуација и транспорт на повреденото лице со скршеница на ногата, појаснуваат од ЦУК.

Паралелно со координацијата со повеќето субјекти за акцијата, бил остварен и контакт од ЦУК со Јавното претпријатие за стопанисување со жичницата, за таа да биде вонредно вклучена, но добиле информација дека заради силниот ветер и автоматското сензорно контролирање не можело да се вклучи заради небезбедни услови за движење. Истовремено, ЦУК стапил во контакт и со Ургентниот центар на Државна болница во Скопје и побарал прифаќање на повреденото лице коешто со хеликоптер било пренесено и спуштено на хелиодромот на болницата.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде