По кратко и тешко боледување, вчера, 26 јануари, во Белград, на 63-годишна возраст, почина српскиот писател и академик Горан Петровиќ.
Горан Петровиќ е роден на 1 јули, 1961 година во Краљево. Студирал на Филолошкиот факултет на Белградскиот универзитет, на групата за југословенска и српска книжевност.
Подолг период работел како библиотекар во градската библиотека во Жича, а работел и како уредник на списанието „Повелба” при градската библиотека во Краљево. Подоцна се преселил во Белград.
Неговите романи и збирки раскази се објавени во повеќе од 130 изданија, од кои 60 изданија се преведени на 15 јазици.
На книжевната сцена стапи со книгата кратка проза „Совети за полесен живот” објавена во 1989 година. Оттогаш ги објавува романите „Атлас опишан со небо” (1993), Опсада на црквата Свети Спас”( 1997), Ситничарница ‘Кај среќната рака’”(2000), „Хартија”(2022) и „Иконостас”(2022). На македонски јазик се објавени „Ситничарница ‘Кај среќната рака’” (издание на СЗМ, Скопје, 2007, во превод на Гордана Јовиќ Стојковска) и „Опсада на црквата Св. Спас” (издание на „Готен”, Скопје, 2014).
Автор е на збирките раскази „Остров и околни приказни, „Ближниот” и „Разлики”. Петровиќ ги објави и книгите: книга со кратка проза насловена „Сè што знам за времето”, книгата записи „Пребарувачот”, новелата „Под таванот кој се лупи” и драмата „Матица”, која беше изведена во Ателје 212.
Некои од прозните дела на Петровиќ се адаптирани за театар, телевизија и радио: „Опсада на црквата Свети Спас” (драматизација и режија на Кокан Младеновиќ), Народен театар Сомбор, 2002; „Скеле” (според сопствен текст), продукција на Народниот театар во Белград (во режија на Кокан Младеновиќ), „Орашец”, 2004; радио драмата „Богородица и други видувања” (драматизација на Сања Милиќ, во режија на Наѓа Јањетовиќ), Драмска програма на Радио Белград, 2007 година; телевизиски филм „Ближниот” (по сопствено сценарио, режија на Мишко Милојевиќ), драмска програма на РТС, 2008 година; радио-драмата „Над петте трошни саксии” (драматизација и режија на Страхиња Млаѓеновиќ), Драмска програма на Радио Нови Сад, 2011 година; „Матица” (според сопствен драмски текст, во режија на Рахим Бурхан), Ателје 212, 2011 година.
Горан Петровиќ е добитник на повеќе книжевни награди. Покрај книжевната стипендија на Фондацијата „Борислав Пекиќ”, негови позначајни награди се: „Просвета”, „Меша Селимовиќ”, „НИН-ова награда” за роман на годината, „Виталова”, „Рачанска повелба”, наградата на Народна библиотека на Србија за најчитана книга на годината, „Борисав Станковиќ”, „Светозар Ќоровиќ”, награда за расказ „Иво Андриќ”, „Лаза Костиќ”, награда за драмски текст „Кочиќева книга”, „Златен крст на Кнез Лазар”, „ Вељкова гулабица” за целокупното раскажувачко дело, Големата награда „Иво Андриќ” за целокупното книжевно творештво, „Станислав Лем”, „Григорије Божовиќ”, „Златна книга на Матица српска”, награда на Националната библиотека на Србија“ „Владан Дешница ”, „Белградски победник”…
Беше член на Српското книжевно друштво и на Српскиот ПЕН центар. На 1 ноември 2012 година беше избран за дописен член на САНУ. За редовен член на Српската академија на науките и уметностите е избран на 8 ноември 2018 година.