Вработените во ФЗОМ најавија: Никој во здравството нема да земе плата ако ни се намалат примањата за 21 отсто

Вработените во Фондот за здравствено осигурување на Македонија ќе штрајкуваат доколку Управниот одбор, постапувајќи по насоки од Владата, им ги намали платите за 21 отсто сметајќи од почетокот на месецот.

Синдикатот успеа да издејствува 15 отсто покачување на платите на вработените, а на почетокот на овој месец добиле препорака од Владата примањата да се намалат 21 отсто поради усогласување со усвоениот буџет.

Вработените сметаат дека намалувањето на платите е под секое достоинство.

„Намалувањето значи 25 отсто од вработените паѓаат под минималната плата и уште 25 отсто доаѓаат на минималната плата, што не е дозволиво за толкава институција, институција што го има најголемиот буџет во Република Македонија, и тоа ликвиден.

Доколку ги намалат платите, ќе се активира одлуката за штрајк, која беше донесена во ноември. Апсолутно прекинуваат сите неесенцијални функции на Фондот за здравствено осигурување. Освен по едно лице што ќе прима документи, другите воопшто нема да работат.

Тоа во превод значи дека нема да има никакви исплати ниту за капитација за матичните лекари, ниту за лекови за аптеките, ниту за плати во јавното здравство, ниту за лекови во јавното здравство и така натаму“ – најави Бранко Аџигогов, претседател на Синдикатот на ФЗОМ.

Управниот одбор на Фондот денес шести пат се состанува за да донесе одлука за намалување на платите по препораката од Владата.

Аџигогов, вели дека Управниот одбор се мачи да ја донесе одлуката оти е длабоко поделен.

Тројца од членовите, како што вели, се цврсто застанати зад Синдикатот, еден е неопределен и двајца гласаат за намалување. За носење каква било одлука, потребно е мнозинство, односно четири гласа.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде