До каде е екстрадицијата на Палчо? Еве кога му истекува привремениот затвор во Турција

За една недела, или на 6-7 февруари истекува привремениот затвор кој турските власти на 29 декември, му го одредија на Љупчо Палевски- Палчо, осомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски, пишува Фокус.

Палчо во моментот се наоѓа во затворена казнено-поправна установа во Баликесир, Турција, а таму може да биде задржан најмногу до една година.

Се очекува привремениот затвор или притвор да му биде продолжен по истекот на 40 дневната мерка, бидејќи македонските власти се уште немаат добиено одговор од Турција по барањето за екстрадиција, кое беше испратено на 7 декември.

Претседателот Стево Пендаровски, неодамна во интервју за „Тема на денот“ на Телевизија Сител, говорејќи за случајот со осомничениот за двојно убиство, Љупчо Палевски – Палчо, изрази очекување дека неговата екстрадиција ќе се случи наскоро.

„Доцна попладнево добивме информација дека неговата екстрадиција не е спорна од безбедносно-разузнавачки аспект и практично сега остануваат само техничките детали од она што се нарекува меѓународна правна помош што се случува како процес меѓу двете министерства за правда.

Значи, ако смеам да предвидувам, бидејќи ова не е спорно, имаше прашања што со некакви припадници на ФЕТО, паметите…нема да има никакви условувања.

Од тој аспект работата е исчистена, чиста, и дека сега останува само да се договорат деталите за примопредавање кои се од технички карактер. Значи, дека таа екстрадиција може да се случи многу скоро“, рече во таа прилика Пендаровски.

Од тој момент нема дополнителна информација од надлежните до каде е постапката.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде