Во директен судир меѓу автобус и товарен камион загинаа 19 луѓе – СТРАОТНА СООБРАЌАЈНА НЕСРЕЌА ВО МЕКСИКО

Во директен судир меѓу автобус и товарен камион загинаа 19 луѓе, а повредени 22 во држава во северозападниот дел на Мексико, соопштија локалните власти.

Несреќата се случила во Елота, популарна туристичка дестинација за канадски и американски граѓани, а двете возила целосно изгореле. „Изброивме 19 тела. Идентификацијата ќе ни одземе малку време, имајќи предвид дека тие се јагленосани“, рече Сара Кињонез, државен обвинител на државата Синалоа.

Автобусот тргнал од градот Гвадалахара и имал крајна дестинација во Лос Мочис, државата Синалоа, позната и како една од лулките на трговијата со дрога во Мексико.

Сообраќајните несреќи се вообичаени во Мексико, а минатата година, на 21 ноември, најмалку 12 лица загинаа, а 58 беа повредени кога автобус се преврте на пат во источната држава Веракруз, во Мексиканскиот залив.

Во август, автобус со претежно венецуелски мигранти се урна меѓу Оахака и Пуебла, при што загинаа 16 лица, а еден месец претходно, автобус излета од патот во планинскиот регион на државата Оахака, при што загинаа 27 лица.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде