Обилни врнежи и силни ветрови парализираа делови од американската сојузна држава Калифорнија, а според досегашните извештаи, невремето однело и неколку животи.
Властите досега објавија за три жртви како последица на невремето. Во близина на градот Сакраменто, еден човек бил погоден од дрво што паднало во неговиот двор, а подоцна починал од повредите, објави Канцеларијата на судска медицина во округот Сакраменто.
Си-ен-ен пренесува дека уште две лица загинале од паѓање на дрвја во Северна Калифорнија.
Бурата, која првично беснееше во областа Сан Франциско, во понеделникот отпатува на југ кон Санта Барбара и Лос Анџелес.
Околу 1,4 милиони луѓе во областа на Лос Анџелес, вклучувајќи ги Холивуд Хилс и Беверли Хилс, се под предупредување за поплави.
Метеоролозите предвидуваат повеќе врнежи и сметаат дека заканата од поројни поплави и калливи и карпести одрони се особено опасна ситуација.
Фото: pictures.reuters.com