Пратениците изгласаа – Објектите за игри на среќа да бидат оддалечени повеќе од 500 метри од основните и средните училишта

Собранието денеска со 55 гласа „за“ ги усвои измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри предложен од Владата со европско знаменце, кој предвидува објектите за игри на среќа да бидат оддалечени повеќе од 500 метри од основните и средните училишта.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) претходно организираа протест пред парламентот на кој го повикаа претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува указот за стапување во сила на законот. Според АСОМ и АПИС, со измените на овој закон ќе се затвори гранка во која има илјадници вработени.

Со измените на Законот, цената за една лиценца за обложувачница ќе порасне од 105 илјади на 200 илјади евра.

Истовремено, се ограничува бројот на уплатно-исплатни места на 25 со една издадена лиценца, а дополнително, за секое следно уплатно-исплатно место над 25-тото, приредувачот ќе треба да плаќа надоместок од 10 000 евра.

Измените во Законот предвидуваат и автомат-клубовите сега да плаќаат за лиценца која ќе чини 100 илјади евра наместо досегашните 78 750 евра.

Таа ќе биде ограничена на три деловни простории за кои автомат-клубовите ќе треба да плаќаат надомест во износ од 30 000 евра.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде