Убиено е шестгодишното девојче, кое молеше за спас и нејзиниот апел го слушна целиот свет

Шестгодишното девојче кое исчезна во градот Газа минатиот месец е пронајдено мртво, заедно со неколку нејзини роднини и двајца болничари кои се обиделе да ја спасат.

На 29 јануари, Хинд Раџаб побегнала од градот во автомобил заедно со нејзината тетка, вујко и тројца братучеди, пишува Би-би-си.

Меѓутоа, автомобилот налетал на израелски тенкови и наишол на оган. Се верувало дека девојчето е единствената преживеана од седумте патници во возилото. Аудио снимките од повиците меѓу девојчето и службите за итни случаи сугерираат дека таа се криела од израелските сили меѓу телата на нејзините роднини.

„Хинд постојано нѐ молеше да дојдеме да ја земеме, да испратиме некого да ја земе. Таа рече дека се стемнува“, вели работничката на Црвената полумесечина која последен пат била во контакт со Хајнд, Рана ал Факех.

Хајнд останала на линијата три часа разговарајќи со Рана и со психологот, кој се обидел да ја смири додека се подготвувале да испратат брза помош. Рече дека сите околу неа се мртви или спијат, беше крајно исплашена, ме молеше да не ја прекинувам линијата“, раскажува потресена Рана.

„Многу се плашам, те молам дојди“, биле некои од последните зборови на шестгодишното девојче. Молбите на Хајнд некој да ја спаси завршиле кога телефонската линија била прекината поради повеќе пукотници. Болничарите од палестинската Црвена полумесечина денеска успеале да стигнат до областа, која претходно била затворена како активна борбена зона.

Пронашле црн автомобил „киа“ во кој патувало девојчето. Ветробранското стакло и контролната табла биле искршени на парчиња, а на неколку места биле видливи дупки од куршуми. Болничарот рекол дека во возилото имало шест тела.

На неколку метри имало остатоци од друго возило, кое било целосно опожарено. Црвената полумесечина тврди дека тоа всушност било амбулантно возило испратено да ја земе Хајнд. Тие додаваат дека болничарите – Јусуф ал-Зеино и Ахмед ал-Мадхун – биле убиени кога израелските сили удриле во нивното возило.

Во соопштението директно ги обвинуваат Израелците дека намерно го гаѓале возилото штом пристигнало на местото на настанот.

„Израелските окупатори намерно го гаѓаа екипажот на Црвената полумесечина и покрај претходна координација што дозволи брза помош да пристигне на местото на настанот за да го спасат детето“, истакнаа тие.

Тие забележуваат дека биле потребни неколку часа за да се координира пристапот со израелската армија за да испрати болничари да го земат девојчето. „Добивме зелено светло. По пристигнувањето, екипажот потврди дека може да го види автомобилот во кој беше заробена Хајнд. Последното нешто што слушнавме беше непрекинато пукање“, се сеќава Нибал Фарсах, портпаролка на Црвената полумесечина.

Аудио снимките од разговорите на девојчето со операторите, јавно споделени од Црвената полумесечина, го поттикнаа притисокот на јавноста да се открие што ѝ се случило. Мајката на малата Хајнд, пред да биде пронајдено телото, изјавила дека ја чека ќерка си „секој момент, секоја секунда“.

Таа ја повикала Црвената полумесечина да објави детали за нејзината координација со израелската војска. Би-Би-Си двапати побарал од војската детали за операциите во областа во предметниот ден, како и за исчезнувањето на Хајнд и амбулантите испратени да ја извлечат. Но, добиле одговор дека сѐ се проверува.

Правилата за војна наведуваат дека медицинскиот персонал мора да биде заштитен и да не биде цел на конфликт, и дека на повредените мора да им се даде медицинска помош што им е потребна – во најголема мера практична и со најмало можно одложување. Израел претходно го обвини Хамас дека користи амбулантни возила за транспорт на оружје и борци.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде