Култниот јапонски музичар Дамо Сузуки, кој беше фронтмен на влијателната германска група „Кен“ (Can), почина на 74 години.
Сузуки и „Кен“ беа едни од предводниците на германскиот краутрок, вид на психоделичен и експериментален рок.
„Со голема тага мора да го објавиме заминувањето на нашиот прекрасен пријател Дамо Сузуки. Тој ќе им се придружи на Михаел, Јаки и Холгер на фантастична свирка“, објави групата на социјалните мрежи, потсетувајќи на другите нејзини починати членови.
Сузуки ја напуштил родната Јапонија како тинејџер, по што патувал низ Европа и живеел во хипи заедници. Членовите на „Кен“ го забележале кога свирел на улица во Минхен и го поканиле истата вечер да настапи со нив.
Неговиот импровизаторски стил на пеење, во кој мешаше зборови на англиски, јапонски и на негов измислен јазик, стана клучен за звукот на „Кен“.
Сузуки сними три албуми со „Кен“ од 1970 до 1973, период во кој групата го достигна својот креативен врв. Дејвид Боуви, „Токинг хедс“ и „Редиохед“ се некои од музичарите кои ја истакнуваа групата како големо влијание.
По заминувањето од „Кен“, Сузуки десет години не се занимавал со музика, а потоа снимаше со низа соло проекти. Никогаш повторно не настапи со „Кен“.