Лековита вода во Велес – Синот го оставила неподвижен и легнат во кревет, а кога се вратила ја чекал седнат

Соседите го уредиле местото, поставиле чаши, па секој што сака може да се напие. Изворот е на улицата „Максим Горки“, близу месноста Долни Дуќани. За „чудото“ да биде поголемо, на десетина метри подолу се наоѓа уште еден таков извор.

Во стариот дел на Велес, близу месноста Долни Дуќани, се наоѓа извор на вода.

За неа постои верување или легенда дека е лековита.

За „чудото“ да биде поголемо, на десетина метри подолу се наоѓа уште еден таков извор, кој, според раскажувањата, има исто така лековито дејство.

Приказната што малкумина ја знаат, а која се поврзува со можното лековито влијание на водата од овие извори, почнува со жена од Прилеп.

Таа, наводно, ја открила лековитата моќ на едниот од изворите, а за него дознала преку сон. Така барем вели велешанецот Ѓорѓи Стефанов, кој живее близу изворот.

Тој, како што тврди, лично ѝ помогнал на жената од Прилеп да го уреди првиот од двата извора.

Дојде жена на свои 40-45 години и започна да го уредува местото. Изворот беше обраснат во треви, имаше пијавици. Тие се лепеа за неа, за рацете, нозете, но таа неуморно работеше повеќе дена.

Од мене побара штици, ѝ ги дадов за да го уреди кладенецот. Ми раскажа дека се вика Трајанка и дека е од Прилеп. Си имала мака што ја довела тука. И тоа на сон ѝ се јавил глас – раскажува Стефанов.

Трајанка, според кажувањето на Ѓорѓи, имала син, кој бил легнат в кревет, неподвижен. Таа и нејзиниот сопруг го носеле детето кај разни лекари, но чаре не се нашло. Биле и надвор од земјава, но синот останал да лежи неподвижен.

– Една ноќ на сон ѝ се јавил глас кој и порачал да оди во Велес. Ѝ рекол дека на место помеѓу три цркви и пат кој води веднаш по првата, лево има кладенец.

Таа сонот му го раскажала на сопругот, кој не сакал да ја слуша. Тој им верувал на лекарите, не сакал да верува во вакви работи. Жената под влијание на мажот го занемарила сонот. Но, по некое време, сонот пак се повторил.

Тоа било знак за Трајанка да го фати првиот автобус за Велес. Благодарение на јасните назнаки од сонот веднаш го пронашла изворот, иако никогаш не била во Велес – објаснува Ѓорѓи.

Работела сама три-четири дена, го исчистила изворот, кој дотогаш никој не го користел, го уредила местото и се потпишала за спомен, при што ги додала и денот и годината кога работела. И денес кај изворот стои, 6 октомври, 1974 година, Трајанка Тасеска.

Трајанка се поздравила со соседот Ѓорѓи и заминала за Прилеп. После некое време повторно се вратила во Велес, кај изворот.

Тогаш повторно го сретнала Ѓорѓи и, како што тој тврди, му раскажала за чудото што ја чекало дома:

Синот, кој го оставила неподвижен и легнат во кревет, кога се вратила ја чекал седнат.

Жената, како што вели Ѓорѓи, му дала да се напие од водата, по што детето почнало да се движи полека, само, без ничија помош. Оттогаш за ова место останало верување дека е лековито.

Сепак, според верувањата и легендата што е поврзана со жената од Прилеп, не може кога било да се пие од оваа вода. Таа, според кажувањата, може да се користи само во среда, односно само тогаш ја има лековитата моќ.

Дали е тоа така, не може со сигурност да се тврди. Малкумина велешани знаат за ова место и ретко кој ја знае приказната што е поврзана со изворот.

Подолу, пак, од тој извор, на десетина метри има и друг кладенец. Се нарекува „Св. Недела“ и, според верувањата, служи за лекување други болести.

– Тука се доаѓа само во недела. Луѓето си ги мијат рацете и нозете оти се верува дека водата лекува рани. Дејствува само во недела, пред сонце. Луѓето се мачкаат и заздравуваат – тврди соседот Ѓорѓи.

Без оглед на легендите, жителите од оваа велешка улица веруваат дека двата извора се лековити. Доколку ги прашате каде се наоѓаат срдечно ќе ви помогнат.

Дали ќе се миете или ќе пиете од водата и дали ќе верувате во легендите за лековитоста на овие извори, е ваш избор.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде