МВР не потфрли во проценките колку пасоши се потребни затоа што нарачката беше околу два милиони, а во државата имаше 1,8 милиони важешки пасоши.
И нема никаква саботажа во МВР, изјави вечерва за ТВ 21 дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев.
Притоа, тој потенцираше дека МВР не потфрлило во нарачката на пасоши, бидејќи биле нарачани приближно 2 милиона.
„Ако се вратиме назад, во државата имаме 1.803.000 кои имаат важечка патна исправа. Кога се правела проекцијата за нарачка на пасоши, била направена приближно 2 милиона. Никаде МВР не потфрлило или не предвидело колку пасоши ќе бидат потребни за граѓаните.
Јас жалам што во овој период имаше политички партии кои повикуваа ‘Никогаш Северна’, договорот ќе го укинеме, и граѓаните ги доведоа до заблуда да не ги сменат своите патни исправи. Ова го велам зошто имам факти и докази зошто е тоа така”, беше дециден Бојмацалиев, надополнувајќи со статистички податоци.
„Во 2021, 2022, ако во короната имаше пик на заболени, ние имаме пик на најмногу побарување на граѓаните за лични документи. Годините кои ги споменав, декември и јануари, имаме просек од 40-50 илјади граѓани кои барале смена на лични документи. Како реториката на одредени политички партии се намалуваше и ја прифаќаа реалноста, бидејќи мислеа дека така ќе добијат некои политички поени во одреден период, се намали таа реторика, и декември, јануари имаме граѓани кои барале смена на лични документи над 170.000 граѓани.
Што ми е поенатата? Ако изминатиот период ја немало таа реторика на одредени политички партии и политичари за дневно политички поени, ние досега ќе сме ги сменеле сите пасоши и документи. Бидејќи, капацитетите на МВР покажуваат дека можат да услужат и 170.000 граѓани.
Не во тоа дека некој некого саботирал од внатре или го довел до оваа ситуација. МВР и државата ги создаде сите услови кои се потребни за промена на личните документи. Тоа го зборуваат бројките”, рече Бојмацалиев.
Тој додаде дека во четврток или петок ќе стигнат уште 100.000 обрасци за пасоши.