Кумановското обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило убиство и обид за убиство.
Осомничениот 67-годишник на 21 февруари во кумановското село Габреш имал расправија со двајцата внуци од својата сестра. На расправијата се приклучила и таа.
Со пиштол, кој го поседувал со дозвола, осомничениот пукал кон нив и со умисла ги лишил од живот сопствената сестра и еден од нејзините синови, а се обидел да го лиши од живот и другиот, објави Обвинителството.
Расправијата, како што соопштија вчера од полицијата, била поради нерасчистени имотни односи.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово поднесе предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.