Во новиот мандат на СДСМ просечната плата ќе биде над 1.000 евра, додека пак минималната ќе биде 600 евра.
Ова е достижно и остварливо, со правилните политики кои СДСМ ги води во интерес на граѓаните, соопшти владејачката партија.
„Тоа и веќе се докажа со рекордно покачување на просечната плата која е 40.000 денари.
СДСМ ги остварува ветувањата на граѓаните, а така и го започна својот прв мандат, со ветување за зголемување на просечната плата од 500 евра, која достигна уште поголем износ од 650 евра. Тука не застануваме, затоа што платите на граѓаните ќе продолжат секојдневно да растат.
Европски стандард за сите, подобри услови за стопанството, раст на економијата, одговорност за менаџирање со буџетот, со што всушност се овозможува платите на граѓаните секојдневно да растат, е во фокусот на СДСМ и во новата програма“ порачаа од СДСМ.
„Со економските социјалдемократски политики на СДСМ успеавме просечната плата во државава да ја издигнеме на историски највисоко ниво од 40.000 денари. Тоа се 650 евра. Поголеми плати не значат само повеќе пари во џебот на граѓаните, на работниците. Поголеми плати значи вреднување на трудот и најважно, повисок и подобар животен стандард“, рече на прес-конференција во СДСМ пратеничката Санела Шкријељ.
„Концептот на СДСМ е да има повеќе за сите, парите да завршуваат назад кај граѓаните, дава резултат и во услови на енергетска криза се покажа исправен. 40.000 денари просечна плата или 650 евра се за 290 евра повеќе во споредба со времето на ДПМНЕ.
Тогаш работниците се третираа како евтина работна сила а парите се фрлаа на споменици и барок. Тоа е суштинска разлика помеѓу концептот на ДПМНЕ и концептот на СДСМ кој значи поголеми плати, кој значи повеќе за сите. СДСМ ќе продолжи со политиките на зголемување на платите и во новиот мандат. Ќе работиме да дојдеме до над 1.000 евра просечна плата и минимална плата од 600 евра.
Со правилни политики ова е достижно, затоа што ние покажавме дека овие историски највисоки нивоа кои денес ги имаме, се исто така достижни. Никој не веруваше дека 500 евра просечна плата до 2024та година е можно и остварливо. Но тоа ветување, СДСМ го оствари со уште поголем износ од 650 евра. Така ќе биде и овој пат со ветувањата кои ќе бидат дел од предизборната програма на претстојните избори.
СДСМ ќе продолжи да ја развива економијата, да растат платите и да има повеќе за сите“, рече пратеничката.