Во настојувањето да се олесни движењето на граѓаните на Република Северна Македонија надвор од границите на државата и проблемите со кои се соочуваат при патувањата,
но и престој во странство, пратениците на Либерално-демократската партија предлагаат дополнување на Законот за патните исправи.
„Предложените дополнувања се насочени кон унапредување на патните исправи и дефинирање јасни правила за државјаните на земјата, при што ќе се овозможи непречено движење на граѓаните надвор од границите и повторно враќање во неа со поседување валидна патна исправа,
односно патна исправа која содржи печат на Република Северна Македонија, со која државата го потврдува идентитетот на лицето и важи до истекот на рокот на важноста на патната исправа“, појаснуваат од ЛДП.
Според партијата, оваа иницијатива е мотивирана од потребата за доследно почитување на уставно загарантираните права на слобода на движење.
Промените се предложени по итна постапка поради нивната значајност за основните човекови права и не донесуваат дополнителни финансиски импликации на буџетот ниту на граѓаните ниту, пак, на државата.
„За нас, секој е важен и сметаме дека патната исправа, која важи како потврда со која државата гарантира за идентитетот на нејзиниот сопственик, може да биде валидна и со печатот Република Северна Македонија до истекот на рокот на важноста, а потоа да биде соодветно заменета на нов образец. Со ова сметаме дека не се нарушува преспанскиот договор, кој доведе до исполнување на државната цел – членството во НАТО“, додаваат од ЛДП.