Пензиите од 1 март ќе се зголемат за 5%, изјави денеска министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски.
Направена е пресметката за усогласувањето на пензиите, со кое ќе има статистичко покачување за пет проценти, информира денеска министерот за труд и социјална политика во техничката Влада Ѓоко Велковски.
На новинарско прашање, Велковски рече дека податоците покажуваат пет проценти на, како што наведе, условно кажано покачувањето на пензиите.
– Добиени се сите податоци од статистика, веќе е направена пресметката. Јас тоа не би го кажал зголемување, бидејќи пет проценти, колку што покажуваат бројките на, условно кажано, покачувањето на пензиите, што треба да бидат исплатени на први в петок. Така што, ова статистичко покачување од пет проценти е во моментов што пензионерите ќе го добијат како дополнување на нивните пензии – изјави Велковски, по учество на РЕДИ Самитот 2024 во Скопје.
Во согласност со новата методологија, усогласување на износот на пензиите се прави двапати годишно во март и во септември, врз основа на податоците од Државниот завод за статистика за трошоците на живот и просечната плата.
Велковски оцени дека е минорна измената за замрзнување на покачувањето на платите на функционерите, со предложените измени на законите што ги доставија пратеници од владејачката СДСМ.
– Направено е прекршување на самото усогласување кое што требало да започне претпоставувам многу порано не наеднаш кога се случија тие 78 проценти, така што некој којшто прави само ад хок решенија се случува тоа што се случи пред година дена од денеска. Сега е минорно што тие прават измена, односно го замрзнуваат делот на покачување на сегашните плати, така што ако се следат како решенија доаѓаме до една ситуација да бидат и сите граѓани незадоволни, а процентот на зголемување на платите на функционерите да биде на ниво како што беше и реакциите да бидат нормални од страна на граѓаните какви што беа – изјави Велковски.
Најниска пензија со септемвриското зголемување изнесува 12.527 денари, а највисоката 73.502 денари. Тоа значи дека пензионерите со најниска пензија ќе добијат само 626 денари покачување, а оние со највисока пензија зголемувањето е од 3.675 денари.