Земјотресот е почувствуван во југозападниот дел од земјата, и тоа во Дебар и околината, со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала
Земјотрес со јачина од 3,1 степен според Рихтеровата скала синоќа е регистриран во Албанија во 23:37 часот по локално време, информираат од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Според информациите од Сеизмолошката опсерваторија, епицентарот на земјотресот бил на 128 километри југозападно од Скопје, во соседна Република Албанија.
Земјотресот бил на длабочина од 8 километри.
Во соопштението од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет се наведува дека земјотресот е почувствуван во југозападниот дел од земјата, и тоа во Дебар и околината, со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала.
Земјотресот во Албанија е регистриран и од Европскиот медитерански сеизмолошки институт (EMSC).
Според информациите од Европскиот медитерански сеизмолошки институт, епицентарот на земјотресот бил на 22 километри североисточно од Елбасан и на седум километри западно од градот Либражд.