Црна Гора денеска ја зафати силно невреме со многу обилни врнежи од дожд. Цела Црна Гора е под влијание на циклони и силни јужни струи, врне многу пороен дожд и во повеќе области е придружен со грмежи.
Поради обилните врнежи постои опасност од урбани поплави, јавуваат црногорските медиуми.
Истовремено, во планинските предели штос е над 1500 метри надморска височина врне снег, а на места снегот е пропратен дури и со грмежи, главно во централните и источните предели.
Се очекуваат многу обилни врнежи од дожд, со над 100 литри дожд на метар квадратен, со ризик од урбани поројни поплави. На повисоките планини се очекува да наврне и до половина метар многу влажен и тежок снег.
Невремето што ја зафати Црна Гора е проследено и со силен ветар кој на Јадранот создава и повеќеметарски бранови што удираат на крајбрежните области.
Утре времето во Македонија ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме.
Како што најавуваат од УХМР, потоа во следните денови ќе се задржи променливо облачно време, во среда со повремен локален дожд.
Времето денеска претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Попладне, во вечерните и ноќните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд (над 20 l/m2) и грмежи, локално во форма на невреме со засилен до силен ветер од јужен правец (над 70 km/h). Максималната температура ќе биде во интервал од 13 до 17 степени.
Времето во Скопје, променливо облачно, попладне и во ноќните часови со врнежи од дожд. Во делови од котлината врнежите повремено ќе бидат поројни, проследени со грмежи. Ќе дува засилен ветер од југоисточен правец. Температурата ќе се искачи до 17-тиот степен.