Управата за водење на матичните книги упати јавно извинување до градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски кој претходно денес објави дека неговиот син и снаата побарале венчаница, а добиле умреница.
Од Управата велат дека бил направен увид и утврден е пропуст.
„Административниот службеник, вработен во Управата за водење на матични книги – Подрачно одделение Скопје во краток рок ќе биде санкциониран согласно Законот за административни службеници. Јавно се извинуваме на семејството на градоначалникот на Општина Карпош г-дин Стевчо Јакимовски за немилиот настан“, велат од Управата.
Јакимовски претходно денес ја опиша ситуацијата како црн хумор, коментирајќи дека денот на нивната венчавка е впишан како ден на смртта, а младите луѓе се во шок.