Завчера беше направена мултиорганска трансплантација на органи во којашто еден пациент доби срце, еден пациент доби црн дроб, двајца пациенти добија бубрези, а во наредните денови пациенти од Универзитетската клиника за ортопедија ќе имаат шанса да добијат и коскени ткива, информираа од Министерството за здравство.
Министерот Демири упати благодарност до семејството на донорот, чиј идентитет веќе се споделува на социјалните мрежи и кому му се оддава почит.
Како што објави битолскиот портал „Бабам Битола“, станува збор за Пеце Аврамовски, млад битолчанец, чие семејство со одлуката за донирање на неговите органи спасило повеќе животи.
И сестрата на Пеце, Елизабета Трајчевска, на социјалните мрежи се прости со него на емотивен начин, порачувајќи дека тој е херој.
– Ти замина, ама спаси други животи брате мој. Почивај во мир, објави таа.
Како што информираа претходно од Министерството за здравство, по добиената согласност во вторникот, завчера во раните утрински часови започнале трансплантациите на срце, црн дроб, бубрези и коскени ткива.