Голем број јавни личности на социјалните мрежи упатуваат последен поздрав за легендата на македонската електронска музика, музичар, продуцент, диџеј, музички промотер и уметник, Мирко Попов кој по неколку дена борба на скопските клиники почина како последица на мозочен удар.
„Ми требае цел ден да прифатам и да соберам сила нешто да напишам !
И сепак, тешко е воопшто да прифатиш.
Мирко е, ко шо му викав “ходајуча легенда” во Скопје. Ретко можете да запознаете човек што буквално “дише” на секоја педа градски асфалт, со широк, ама широк спектар на талент, кој што го вложуваше во урбаното живењее на својот град. Е тоа е Мирко …Почивај во мир друже …“, напиша Шилегов на Фејсбук.
– Овој пат за жал не е дезинформација, а и не е некоја тајна дека најчесто сме биле на различни страни, некогаш и не така пристојни еден кон друг, но сепак не може да се одземе ентузијазмот и жилавоста со која се бореше за скопската клубска сцена, желбата да ја промовира музиката и нови, млади сили кои уште долго ќе го чуваат од заборав. Светол пат Мирко Попов и сочувство до семејството. И ве молам без излишни и негативни коментари, повеќе би кажале за вас отколку за покојникот, напиша познатиот инфлуенсер Божидар Божиновски.
– Збогум, вечен дечко… Денес, светот за нас кои го сакавме и почитувавме… застана во место. Се збогуваме со Мирко Попов, тој вечен дечко, кој се залагаше за слободна мисла и кој го возеше низ животот овде, една непопустлива креативност. Од раздвижените улици на Скопје во 1972 година, кога се роди…до лабораторијата на звуци што одекнуваа низ неговиот музички свет, во изминатите децении, Мирко Попов – тој пионер на македонската електронска музика…човек кој си направи своја револуција преку музиката која ја разбираа, оние кои што требаше да ја разберат. Како кога слушаш нечие чукање на срце, без помош на стетоскоп, напиша во својата објава Љубица Ангелкова.
– Бог да го прости, сочуство до семејството. Не се знаевме лично и од спротивни табори бевме, па можев и да го одмолчам јавно ова збогување, ама сметам дека е моја должност како човек да покажам какво минимум достоинство и човечност треба секој да има, во секоја ситуација. Не судете наместо Бога, напиша познатиот инфлуенсер Богдан Илиевски.