Важно, вели претседателот на ДИК, е кога граѓаните на избирачкото место ќе бидат прашани дали сакаат да гласаат и за претседателските и за парламентарните избори или само за едните од нив, да дадат прецизен одговор. Доколку се одлучат да гласаат само на едни, потоа не можат да се вратат и да гласаат на другите избори
На двојните избори – парламентарните и вториот круг од претседателските што треба да се одржат на 8 мај граѓаните ќе можат само еднаш да дојдат на гласачкото место и да го остварат своето право на глас. Ова е изборното правило што ќе важи на изборниот ден идната среда.
Имено, Државната изборна комисија донесе упатство со кое на граѓаните со право на глас им се укажува дека ако гласаат само на едните избори, потоа во текот на денот доколку се предомислат нема да можат да се вратат на гласачкото место и да гласаат на другите избори.
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски во интервју за МИА детално ја објаснува постапката за гласање на двојните избори. Во овој контекст, тој потенцира дека на граѓаните треба да им се објасни дека имаат право да гласаат за двата вида избори, но и право да одлучат дали ќе гласаат само за парламентарните или само за претседателските избори.
Ова, вели Дашевски, мора добро да се објасни бидејќи за претседателските избори има ценсуз, односно за да биде изберен претседател во вториот круг излезеноста треба да биде 40 отсто од вкупниот број на запишани гласачи во единствениот избирачки список.
„Граѓанинот ќе може да дојде само еднаш и да гласа и за двата избори и кога ќе дојде постапката е следна: прво ја дава личната карта да се види дека е тој, потоа оди на биометриска идентификација, потоа го бараат во списокот да го заокружат и му даваат ливчиња. И после оди да гласа“, вели претседателот на ДИК.
Важно е, вели Даштевски, граѓаните кога на избирачкото место ќе бидат прашани дали сакаат да гласаат и за претседателските и за парламентарните избори или само за едните од нив, да дадат прецизен одговор, бидејќи подоцна тоа нема да можат да го направат.
„Претпоставувам дека најмногу ќе гласаат за двата, а може да се случи и само за парламентарните бидејќи знаеме дека излезноста и интересот таму е многу поголем. Но не смее да се доведе човекот во заблуда бидејќи ако ве прашаат прво дали сте за едните, па за другите вие може да кажете па јас сум за парламентарни. Значи треба добро да се објасни дали сте за претседателски, дали сте за парламентарните и дали сте за двата, за човекот да не помисли дека поважни му се едните од другите туку да знае дека има право да гласа и за двата избори и така да направиме и цензус“, вели Даштевски.