На коалицијата „Храбро за Македонија“ од само три избирачки места и се украдени повеќе од 600 гласови, информираа денеска нејзините членови.
Тие најавија тужба до Управниот суд, како и кривична пријава против претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски, а не е исклучена, како што нагласија, и кривична пријава против ДИК.
Украдените гласови, соопшти коалицијата, се во изборните единици 1, 2 и 5 и тие им се префрлени на коалициите „Вреди“ и „Европски фронт“.
Според „Храбро за Македонија“, станува збор за упад во изборните резултати, а ваквите дела се кривични и не застаруваат.
-Во овој изборен инженеринг е вклучена и ДИК. Нашите информации говорат дека е правен и за време на претседателските и за време на парламентарните избори, но и во претходните изборни циклуси. Целта е од помалите партии кои немаат набљудувачи на избирачките места, да се одземат одреден број гласови кои потоа ќе се префрлат кај поголемите за да добијат пратеник повеќе. Ова мора да заврши со правна одговорност. Ова е голем срам за ДИК. Само од три места ни се скратени повеќе од 600 гласови и им се префрлени на други политички партии.
Ова кажува колку голема беше кражбата на овие избори, но и дека овој начин на крадење гласови од помалите партии кои немаат набљудувачи на гласачките места е правен и во претходните изборни циклуси и се додавани пратеници на други партии. За оваа нечесна работа ќе поднесеме тужба до Управниот суд и кривична пријава против претседателот на ДИК Даштевски кој дозволил на ваков начин да се крадат гласови од одредени партии и во исто време да се префрлуваат на други за да добијат повеќе пратеници, нагласи претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.