ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ преговараат со четири пратеници од коалицијата на ДУИ, да преминат на нивна страна, открива за Алфа првиот човек на Демократско движење, Изет Меџити.
Трансферот би требало да се случи уште пред формирањето на новата Влада, а потоа според него, можно и други пратеници од Европскиот фронт да се приклучат кон новата власт.
-Има информации дека четворица други од Европскиот фронт веќе преговараат, некои со нас, некои со другата коалиција, така да може да паднат и на 13, пред формирање на Владата. По формирање на Владата може да се преполови бројката пак во Европскиот фронт, бидејќи тие не се идеолошки поврзани, немаат ништо заедничко, изјави Меџити.
Можноста за преминување на пратеници од Европскиот фронт на другата страна е и повеќе од логична, бидејќи од 19-те пратеници кои засега ги има коалицијата на ДУИ, дури девет се од други партии.
Договорот за формирање Влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“ е се поблиску. Меџити вели дека во моментов се договораат темелните вредности на кои ќе работи новата Влада, а за поделбата на ресорите ќе се зборува подоцна.