Експремиерот и бегалец, Никола Груевски, јавно се огласи откако осудениот Игор Југ за предметот „27 април“ во подкастот „Претрес со Ландов“ раскажа како од него било барано да го посочи Груевски како лице со командна одговорност, со цел да излезе од затвор.
Реакцијата на Груевски, интегрално:
Вчера илзезе јавно сведочење дека водачот на самонаречените “реформатори” во 2016 година адвокатот Алек Михајловски, подоцна познат и како адвокат на Орце Камчев, нарачувал лажно сведочење против мене со цел да бидам обвинет како нарачател и организатор на настаните од 27 април 2017 година, или командна одговорност како што беше цитирано.
Истото го направил преку адвокатот Саво Коцарев, кај Игор Југ, што вчера во емисија на еден подкаст самиот го објави, а снимката од тоа е подолу во линк.
Игор југ е човек кој не крие дека и дотогаш и потоа има јавно и отворено изразени негативни ставови за мене, па и негова претпоставка е дека токму заради тоа тој изгледал како “плодна почва” за соработник за градење на лажно и конструирани обвинение.
Со Игор Југ може да се каже дека не се познавам, ако под познанство не се смета присуство во иста сала, настан, или фотографија со партиски член некаде на негово барање и слични ситуации во кои немало суштинско разговор или дискусија.
Прв пат дознав за него од медиумите одкога беше уапсен по настаните од 27 април 2017 година и лажно обвинет дека сакал да изврши убиство. Мојот тогашен коментар на Телма ден по настаните кај новинарот А.Чомовски беше дека луѓето што се најдоа во Собраниската сала, доколку сакале да убијат некого, можеле тоа да го направат речиси непречено, но не го направија, затоа што немале таква цел и намера, и тоа го мислам и денес.
Од она што имам разбрано тој бил член на ВМРО-ДПМНЕ, а од неговото сведочење вчера разбрав дека бил учесник во настаните пред хотелот Панорама во 2004 година, кога поголем број поддржувачи на Љубчо Георгиевски се обидуваа да ја попречат седницата на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ по настаните за кои веќе во објавите на фб неодамна пишував.
Тој вчера објави дека како што кажа ниту ме сакал, ниту ме сака, ниту ќе ме сака во иднина, што секако е негово легитимно право, како и на секој друг, кон некој од политиката да има и кон други да нема подршка и доверба.
Како и да е, во неговите објави и ставови, независно дали со некои од нив се согласувам или не, тој покажа цврст карактер и храброст, како што тоа беше вчера кога како директно сведоштво јавно обелодени како всушност функционирал политичкиот прогон кон мене. Прогон кој и тој и те како го почуствува и сеуште го чувствува на својот грб. Од неговата изјава се гледа како, односно со какви не демократски методи и жестоки уцени биле или се правеле обиди за врбување лажни сведоци, како се правеле обиди за “тргување” со изнудување на лажни сведочења со ослободувања од прогон, или тешка тортура ако не се прифати понудата. Нешто на што повеќемина подлегнаа, но како што гледаме не секој.
И потоа СДСМ и криминалецот и предавник на македонските национални интереси Зоран Заев, како и ним блиските се чудат зошто во странство, на пример во Шведска, во Унгарија, во Грција и во други земји добиваме без проблем политички азил заради политички прогон. Мислат дека другите држави преку своите разузнавачки и дипломатски служби немаат информации од повеќе извори за тоа што се случуваше во Македонија, и мислат дека тие можат секого да излажат и да стават во заблуда.
Познато е дека самонаречените реформатори, чии поединци во раководството за своите валкани активности земаа пари од потпретседателот на бугарската влада Каракачанов, од една значајна амбасада во Скопје и од братот на Зоран Заев -Вице, во тоа време активно работеа на овој план и секако некој им беше дал таква моќ, да од потенцијалните лица таргетирани за обвинение, можеа да ги заштитат оние кои ќе се согласен да се приклонат кон нив, односно ако дадат, невистинити признанија или лажни изјави против мене и луѓето од моето опкружување во периодот 2016-2017 година, што некои луѓе го направија.
Вакви ситуации имаше многу. Делумно преку реформаторите, а уште повеќе од обвинителите и извршителите на СЈО/ОЈО, кои отворено им сугерираа на осомничените дека ако дадат изјава каква што ним им треба за да конституираат случај, а кој нема врска со реалноста, ќе бидат ослободени или ќе поминат со нешто лесно, а ако не дадат требало да мислат дека нивните семејства и деца ќе останат без нив подолго и дека ќе им биде уништена кариерата, бизнисот и животот, потенцирајќи колку години затвор ги очекува, иако немаат вина. Тоа се моменти кога луѓето се пред избор, помеѓу страдање заради неоправдан прогон кон нив или страдање заради одбивање да конструираат вина на друг и тој да страда без вина.
Досега голем број лица ми имаат лично кажано за исти или слични ситуации кои доаѓале или од обвинителите, или од врвот на власта тогаш, или како во случајот од претставник на самонаречените реформатори, кои како што кажав на тој начин и прибираа провзаници меѓу другото. Сепак, иако голем број ми се повериле мене или на мои блиски со молба тоа да не го објавам за да немаат последици, ова е прв случај на јавно сведочење и тоа од лице кое со повеќе текстови досега јавно и тоа прилично жестоко ме критикувал низ годините наназад и јавно кажува дека е против мене.
Се потсетувам и на онаа снимка што излезе пред 3-4 години во која тогашниот директор на фондот за здрваство Ден Дончев кажуваше некому дека договорил “лоша изјава за Груевски” пред јавен обвинител од поранешниот министер Никола Тодоров, што колку што досега ми е познато не се реализира од страна на Тодоров, но таа снимка е на иста линија со оваа, бидејќи покажува дека висок функционер на власта за кој подоцна излезе видео снимка како зема пари од некого во канцеларија, изнудувал изјава од поранешниот министер за здравство против мене, иако истрагите не биле негова надлежност.
Останува да видиме дали новата власт во доаѓање ќе сака и ќе им храброст да отвори случај против поголем број поединци обвинители во обвинителството, политичари и владини функционери од власта во заминување, т.н. “реформатори” и други структури кои учествувале во креирање и изнудување лажни обвиненија и кои биле учесници во лажни монтирани конструкции на лажни обвиненија и лажни сведоци.
Доволно е само да ги повикаат сите обвинети, осомничени и сведоци, или поканети да бидат сведоци и да дадат изјави и информации во случаите на политичкиот прогон од 2017 година наваму, и ќе сватат дека имаат многу работа, многу матерјал за расчистивање со некои не професионални и партиски мотивирани лица од правосудниот систем но и адвокати, судии и други егземплари од таков тип, а најмногу носителите на највисоки функции во тогашната влада и владејачка партија на чело со Зоран Заев и лицата кои му беа канал за комуникација за нарачка на обвиненија и пресуди.
Јас ги охрабрувам да го направат тоа, не само заради расветлување на случувањата во минатите години, туку и за да не дозволат истото да им се случи ним по извесен број години, кога нештата ќе се променат.
ВМРО-ДПМНЕ во деведесетите години на некој начин премолчено направи една генерална амнестија на злосторствата од поединци на комунистичкиот режим, но таа неказнивоста подоцна се врати со нови прогони и нечовечко однесување од нивните наследници.
Тоа е предуслов за реални реформи во обвинителството и правосудниот систем, и казнивновост за направеното зло на разни структури инспиратори, спроведувачи или било како вплеткани во политичките прогони.
Еве го подолу сведоштвото од каде е инспириран овој текст“.