Почитувани наши, топлиот бран кој особено од викендот ќе ја зафати нашата територија, позначително ќе ја загрее Атмосферата и ќе ја исполни со енергија. Од друга страна пак, повторно ќе бидеме под влијание на циклон од западна Европа.
Токму ова од сабота кон крајот на денот и во текот на ноќта кон недела, па се до речиси крајот на следната работна недела ни следува нов период на многу нестабилно време со честа појава на локален пороен дожд, грмежи, силен ветер и со појава на невреме.
Локално можна е појава и на посилно невреме, проследено со обилен пороен дожд за кратко време кој би можел да услови локални поројни поплавувања, бурен ветер, силни и чести електрични празнења, како и со појава на покрупен град.
Секако дека во ваква ситуација се можни и штети, па токму поради ова апелираме на крајна внимателност, особено при појава на силни електричниу празнења, да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Температурите од викендот, како и во почетокот на следната недела позначително ќе се покачат и ќе се искачуваат во интервалот од 24 до 30 степени, а во најтоплите централни и југоисточни предели тие би можело да се искачат и до околу 31-32 степени.
Во Скопје температурата за време на овој топол бран ќе се искачи до околу 30-31 степени, но и во Скопскиот регион од сабота навечер и ноќта кон недела следува нов период на нестабилно време со честа појава на врнежи, грмежи и локална појава на невреме.