Центарот за управување со кризи информира, според известувањето на УХМР (21:40 часот), дека подрачјето на Велес ќе биде зафатено од пообилни поројни врнежи со грмежи и засилен ветер.
Правец на движење на оваа нестабилна маса се предвидув дека е кон исток и североисток, информираат од ЦУК.
Центарот за управување со кризи информира дека заради локалните врнежи на дожд има пријави за поплавувања и штети од град во Општина Куманово, Општина Старо Нагоричане и Општина Липково.
На Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК е добиена пријава за поплавен двор во кој има трафостаница на ЕВН. Локација е на ул. „11 Октомври“ бр.77 зад објектот на „Живко Фурна“. Регионалниот ЦУК Куманово веднаш извести до ЕВН за да се преземат безбедносни интервентни мерки од нивна страна. Истовремено за настанот е реализирана координативна комуникација со лице за контакт од Општина Куманово.
На 112 во ЦУК добиена е пријава од лице од село Младо Нагоричане – Општина Старо Нагоричане, поточно во месност викана Подкаменчиња, кој пријавува дека заради обилните врнежи на дожд и град има голема штета. Информира дека уништени му биле 300 родни дрвца и дека му е оштетен кровот од неговата викенд куќа. Од страна на Регионалниот ЦУК Куманово, за настанот е известено лице за контакт од Општина Старо Нагоричане.
На територијата на Општина Липково, во селата Липково, Отља, Оризаре и Слупчане во 18:15 часот почна да врне дожд, проследен со ветар и има паднато многу град. ЦУК известува дека има оштетено земјоделски садници и дека има оштетено автомобили од паднатиот град, според првите податоци добиени од Општина Липково.
ЦУК предупредува дека, според УХМР, се очекува зголемување на дел од реките. Конкретно, заради обилни врнежи од дожд во Косово, таму е зголемен водостојот на реката Лепенец. Во текот на вечерните и ноќните часови се очекува да има зголемување на водостојот и во нашата земја. Истовремено, ЦУК предупредува на внимателно движење покрај коритото на реката Лепенец.