Седум повредени патници е билансот од три сообраќајни несреќи што се случиле вчера, а се регистрирани во билтенот на МВР.
Во ОВР Неготино вчера напладне било пријавено дека на регионалниот пат Неготино – Демир Капија, во близина на село Прждево, се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило сканија со полуприколка шмитс со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Ѓ.Б. од село Возарци, кавадаречко и патничко возило фолксваген голф со демиркаписки регистарски ознаки, управувано од С.Т. од Демир Капија.
„Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот С.Т., а со телесни повреди се здобил Б.К. од Демир Капија, сопатник во возилото голф констатирани во болниците во Неготино и Кавадарци. Извршен бил увид од увидна екипа од Полициска станица Неготино“, соопшти МВР.
Вчера во СВР Скопје било пријавено дека на булевар Крсте Мисирков во Скопје, патничко возило фолксваген голф со скопски регистарски ознаки управувано од Е.Е. од село Љуботен, скопско, удрило во пешакот А.В. од Скопје.
„Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, додека со телесни повреди се здобил сопатникот во возилото, Р.М. од село Љуботен, скопско, констатирани во Градската општа болница Св.Наум Охридски – Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје“, пишува во билтенот на МВР.
А синоќа во СВР Скопје било пријавено дека на локалниот пат за село Глумово, скопско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило фолксваген голф, кое го напуштил местото и патничко возило ауди со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Љ. од Скопје, кое потоа излетало надвор од коловозот.
„Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката Ш.Љ. од Скопје, додека останатите тројца сопатници, меѓу кои двајца малолетници, сите од Скопје и 27- годишната Б.Љ. се здобиле со телесни повреди констатирани во Комплексот клиники Мајка Тереза – Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје“, соопшти полицијата.
Фото Илустрација