Фејсбук пост на Огнен Јанески:
: Денеска, на градските гробишта Бутел во Скопје, за последен пат се поздравивме со двајца наши колеги – Анета Ѓошевска (1978) од редакцијата на „Вечер“ и Петар Ѕалев (1959) од редакцијата на МТВ.
И двајцата, иако периодично, имале влијание врз моето битисување во новинарството, и за тоа сум им неизмерно благодарен, и со длабока тага денеска ги испратив во вечноста.
Ѕалев беше дел од екипата што нѐ учеше како да бидеме спикери, како да бидеме телевизиски лица и како да завлегуваме со новинарски став и таму каде што другите сметаа дека тоа не е потребно, бидејќи сме биле само убави лица кои добро читаат. Неговата стаменост беше белег од којшто само требаше да се учи. Неговиот придонес е огромен за развојот на МТВ и сум среќен што сум имал можност да учам од него во периодот кога првпат се вработив на национален медиум, а особено МРТВ. Тажно е што во моментите кога требаше да ја ужива заслужената пензија, ненадејно нѐ напушти. Светол ти пат, Ѕалев!
Ани, пак… тоа е неописив карактер, којшто единствено само човек што имал чест да се дружи со неа знае за што зборувам. Од неа понесов многу знаење во периодот кога следев и естрада, забава и култура. Но, тоа што најмногу понесов беше нејзината главна карактеристика – шегата и насмевката и тогаш кога се чувствуваш најстресен и се прашуваш што побогу бараш во оваа професија. Ани, едноставно знаеше на секое едно седнување, на секоја една средба или дружба, со неверојатно леснотија да те одведе во друга димензија, но, и да ти „плесне“ в лице што има за тебе, во моментите кога сметаше дека си забегал. Ани беше човечиште. Вечна ти насмевка, Ани!
Остануваат спомените. Тие ќе нѐ водат натаму, за да можеме да се сеќаваме на постоењето на тие кои си заминале од овој свет. Оти така ќе продолжат да живеат.