Во текот на денов имавме вкупно 19 пожари, од кои 10 се целосно изгаснати, еден е ставен под контрола, a во моментов имаме уште осум активни пожари, информираше вечерва директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.
Како што посочи, најтешка е ситуацијата во селото Тажево кај Македонски Брод каде има неколку изгорени куќи од кои поголем дел се напуштени, но има и куќи кои се користеле како куќи за одмор.
-Се наоѓам во селото Тажево. Сликата е тажна, изгорени се главно напуштени куќи, сепак, изгорени се и куќи кои сопствениците ги користеле.
Овој пожар кај Тажево кај што сега се наоѓам е од страната на Брезница кон Јасен и гори многу силно, иако дејствуваме со хеликоптери и со унгарскиот тим од 40 пожарникари и 50 војници на нашата армија, сепак, и натаму е присутен.
За жал гори квалитетна борова шума и исклучително тежок пожар за гаснење кој зафаќа голема површина, рече Ангелов.