Имаме информации добиени по повеќе канали дека ова раководство на ДУИ, во обид да го заштити капиталот што го создаваше изминатите 20 години, ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата оваа есен, рече премиерот Христијан Мицкоски, пренесе Фокус.
Оваа изјава тој ја даде на денешната прес-конференција со косовскиот премиер Албин Курти, откако беше прашан дали може да открие повеќе детали за информациите што ги изнесе во интервју за „Фокус“, во кое рече дека ДУИ со своето однесување ја загрозува интеретничката слика и претставува закана по мирот и стабилноста на државата.
–Ние како Влада имаме полно право да го браниме територијалниот суверенитет и интегритетот и мирот на граѓаните.
Тоа е и целта на една држава. Врз основа на тие информации што ги имаме очекуваме тоа да се случи оваа есен. Да почекаме времето да даде одговор, дали тие информации ќе се потврдат или нема да бидат точни – рече Мицкоски.
Прашан што се смени во ставот на ВМРО-ДПМНЕ за конструктивноста на ДУИ, откако ги поддржа законските измени за реорганизација на државната управа, пак, тој вели секоја конструктивност во насока на подобрување на условите за живот е добредојдена, но воедно истакнува дека Владата е должна да ги сподели информациите за „потенцијалното девијантно однесување на групи или политички партии.